Одмор кој одговара на вашиот буџет? Да – Можно е !

 

Одмор

Постои ли нешто подобро од заслужено „опуштање“ за време на годишниот одмор?

Секојдневните обврски, динамичното секојдневие, исполнетите денови и нашиот максимален ангажман во текот на годината, ни ги истроши батериите. Доаѓа моментот на планирање на тоа како да се опуштиме од психофизичкиот замор и веќе сме на веб страниците, разгледувајќи ги песочните плажи, ултра модерните хотели во егзотичните дестинации. Тоа некако по навика ни доаѓа како дефиниција за годишен одмор.

Првиот чекор кога станува збор за планирање на годишен одмор кој одговара на вашиот буџет е впрочем утврдување на тоа со колку буџет располагате. Колку реално може да си дозволите.

Многумина од нас мислат на одморите како луксузна ставка во буџетот - нешто на што мора да  потрошиме цело богатство. Но дали е тоа така? Ајде да видиме!

Ако се прашувате како да планирате одмор со релативно ограничен буџет, тогаш овој текст е само за вас!

 

  • Запознајте ги убавините на нашата земја

Посетата на неистражени области од нашата земја може да биде многу забавно. Каде е најголемиот водопад? Каде е Коклици? Каде се Пелистерски очи? Кој е најстариот град? Кога последен пат сте посетиле археолошки локалитет или пак национален парк? Сигурно ќе се изненадите и од попатните богатствата што ги нуди нашата земја, а нема да ви треба повеќе од 2 часа патување (тоа значи дека нема трошок за хотел и ќе потрошите помалку бензин). Можете денес да започнете со истражување на околината на најблискиот до вас голем град. Прошетајте низ местото и побарајте работи што досега не сте ги забележале. Проверете ги локалните специјалитети, или пак најблиската шума од каде има најпрекрасен поглед. И се разбира - Задолжително направете фото-турнеја. 

 

  • Посетете пријатели

Следната најдобра работа за истражување е кога локалитетот што сакате да го видите е во близина на местото на живеење на пријателот кој многу одамна не сте го виделе. Тој може да ви биде бесплатен туристички водич, но и многу често – бесплатно сместување.

Посетата на пријатели или пак семејството е исто така одлична затоа што честопати не треба да се грижите за транспортот , а можете да заштедите на оброци со купување намирници и јадење со домаќините.  Се разбира, кога ги посетувате пријателите и семејството, секогаш обидувајте се да бидете најдобриот гостин со одржување на краткиот престој, чистење по себе и сл.

 

  • Патувајте надвор од сезона

Кога е возможно, одберете периоди кои се сметаат за периоди „надвор од сезона“. Закажете го вашиот одмор во април или мај, или пак ако сте за пократко патување од неколку дена, избегнете го викендот. Проверете дали во време на вашето патување има локални настани кои се посетени, бидејќи тие можат да доведат до зголемен интерес за посета, а со тоа и поголеми цени за сместување.

 

  • Екскурзија низ земјата

Само-иницијативните екскурзии се  особено забавни затоа што можете да застанете секогаш кога вие ќе посакате и да го погледнете местото кое досега само сте го одминувале. Проверете ја вашата рута за патувањето и испланирајте неколку убави постојки на патот. Истражете ги интересните места за јадење. Спакувајте го ранчето со закуски за во автомобилот и направете го патувањето дел од одморот!

Плус – сигурно ќе ве навратат на спомените од младоста 😉

 

  • Кампување

Ако сакате да заштедите пари, тогаш наместо хотел или пак апартмани – одберете камп. Во зависност од тоа колку „авантуристичен“ тип на човек сте, можете да кампувате во приколка во камп зона или пак со шатор онаму каде вие ќе посакате. Кампувањето може да биде едно од најубавите искуства.

 

  • Планирајте однапред… или резервирајте во последен момент

За да заштедите за вашиот одмор во хотел имате две опции:

  1. Резервирајте неколку месеци однапред, или
  2. Резервирајте од денес за утре. Буквално

Доколку сте семејство со деца, тогаш подобра опција е да резервирате претходно, но, ако сте авантурист и патувате со друштвото или партнерот, можете да најдете неверојатни одмори за време на викендот во последна минута, особено ако немате идеја за тоа каде планирате да одите.

 

Ако не можете да си дозволите одмор оваа година – во ред. Сепак, сè уште можете да имате прекрасно лето без да се изложувате на непотребни трошоци. Не постои правило што вели дека треба да одите на замислениот, луксузен семеен одмор секоја година. Одморите се секогаш изборна ставка на вашата листа - тие се желба, а не потреба. (Знаеме,  потребен ви е одмор, но верувајте, сè уште можете да ја направите потребната оддишка од секојдневието,  без да одите на Тајланд 😊 )

Related articles

Назад