Запознајте го магичниот Охрид – дел 3, Антички театар

Кога сте гостин и престојувате во Охрид, не можете мисловно и емотивно, а да не се насочите кон историјата, културата и уметноста, не можете и не смеете да го прескокнете местото каде што се одржуваат многубројни концерти денес. Античкиот амфитеатар, местото од далечната историја, местото на борби и уметност, местото на историја и сегашност, денес плени со неговата инспиративност преку неговиот зачуван историски изглед и неговата применливост.

Anticki 1

Античкиот театар се наоѓа на источната порта на Охридскиот рид. Според изворите, Амфитеатарот е изграден кон крајот на III или почетокот на II век пред наша ера, а под влијание на доцниот хеленизам изграден е во негов хеленистички стил. Античкиот театар бил наменет за прикажување на драмски, музички и поетски претстави пред љубителите на уметноста, но и на духовното просветлување.

Театарот бил граден според елегантната грчка архитектура на прочуените грчки камени градби од овој вид, со богата архитектонска декорација, особено на театарската зграда која што била украсена со фриз од барелјефни плочи на кои биле изрезбани сцени од животот на тогашните богови. На две такви мермерни плочи, кои денес се чуваат во Охридскиот музеј, претставен е богот Дионис во друштво со Музите.

Се смета дека, некои од тогаш повидните граѓани, имале закупено и сопствени седишта во театарот, а за тоа сведочат и имињата Крисп и Топос,  големи љубители на театарската уметност, чиишто имиња  сè уште стојат врежани во камените блокови од седиштата.

Во римската доба, во 148 година п.н.е., театарот најверојатно за релативно кратко време бил приспособен за потребите на римскиот начин на живеење и нивната забава и уметност. Објектот бил преуреден во театарски простор, но и со арена за гладијаторски борби при што неколку седишта од долните редови биле урнати и на нивно место биле изградени неколку кафези за животните, а ложата со почесните седишта била заградена со заштитен ѕид. Подоцна во горната, надворешна зона бил изграден „епитеатрон“, со што капацитетот на театарот се значително се зголемил, до 5.000 гледачи.

Anticki 4
Caption

Нема да замерите доколку уште малку навлеземе во историјата, бидејќи овој објект заслужува целосно внимание и егзактен опис на неговиот историски контекст.

Се смета дека со еуфоријата што настапила во почетокот на IV век од новата ера, кога Св. Еразмо Антиохиски, кој се смета за прв христијански мисионер што дошол во Охрид, преобратил во христијанство 25.000 луѓе, а со тоа биле и разурнати сите, според тогашно убедување, пагански објекти во градот. Најверојатно во тие разурнувања настрадал и театарот, а материјалот од неговите седишта и другите објекти подоцна биле користени за градење на ранохристијански базилики и многу други сакрални и профани објекти.

Првите претпоставки дека во античкиот Лихнид (денешниот Охрид) постоел театар, ги дал рускиот историчар на уметноста Никодим Кондаков на самиот почеток на XX век, а веќе во текот на 1935 година, кога биле извршени првите археолошки ископувања, тие претпоставки биле потврдени и театарот е делумно откриен. Подоцна, за време на ископувањата вршени во периодот 1959-1960 година, била одредена точната локација и големината на театарот.

Anticki 6

Со систематските ископувања, започнати во 1977 и по прекин од шест години продолжени во 1984 година, констатирани се местата каде што се наоѓаат влезовите и театарската зграда, орхестрата со почесните седишта и протегањето на арената, а откриени се и девет редови од седиштата.

Конечно, во текот на 1999 година започнал проектот за негово целосно откривање и ставање во функција, а од 2001 година на сцената на отворениот реконструиран простор на античкиот театар повторно, по дваесет векови, се одржуваат драмски претстави, музички приредби и разни други манифестации.

На сцената на отворениот реконструиран простор на Античкиот театар од 2001 година, се изведува традиционалната меѓународна манифестација "Охридско лето". Освен Охридско лето како почесна манифестација, локалитетот е домаќин на многубројни изведувачи, како македонски, така и странски.

Како еден магичен предлог, за кој ве уверуваме дека нема да зажалите доколку го прифатите, е предлогот да прошетате низ стариот дел на градот, да ја поминете Св. Софија и да продолжите кон театарот. А кога ќе се искачите до таму, седнете горе на едно од празните седишта.  Ќе бидете затекнати од несекојдневната прилика да ја почувствувате магичната, духовна, културна и уметничка хронологија на локацијата, историјата, борбеноста и единственоста на магичниот Охрид.

Уверувањето дека пред околу 2000 година тука седел некој друг, толку сличен, а толку различен на вас, ќе ве натера да ја разбистрите желбата за момент магично да се најдете во полниот амфитеатар и да бидете сигурни како било тогаш, а како е сега. И тогаш сведочеле и уживале и сега сведочиме и уживаме во многубројните културни и уметнички настани.

FB post

Повеќе од сигурно е дека историската, културната и духовната магија на Охрид тешко може да се опише во три текстови, едноставно, потребно е да бидете дел од амбиентот.

Се надеваме дека уживавте во магичниот осврт на едно од најзначајните обележја на градот Охрид, подготвен од Климентина. Доколку сакате да дознаете повеќе – Климентина можете да ја најдете токму во Охрид, во нашата Тиго Филијала лоцирана на бул. Туристичка 75 а - зграда 1 (кај кружниот тек, зграда Печијаре).

До следната серија на магични моменти од нашата земја, не заборавајте – за Вашите финансиски желби не треба магија. Тука е Тиго.

 

Related articles

Назад